



Основна мисија на Книгоиздателството "Ми-Ан" е на читателот да
му приопшти издавачки проекти кои ќе придонесат, од една страна, за збогатување
на македонскиот културен простор, но и ќе извршат одредено расветлување на
Македонија, македонската култура и духовност надвор од границите на Републиката.
Токму затоа, голем дел од своите проекти, Ми-Ан ги печати двојазично, на македонски
и англиски јазик.
Книгоиздателството "Ми-Ан" е едно од најстарите приватни книгоиздателства
во Македонија, регистрирано уште во 1992 година, веднаш по одлуката на Владата
на Република Македонија, со која се овозможува формирање на приватни издавачки
куќи и во сферата на издавачката дејност.
Книгоиздателството "Ми-Ан", ги издава информативно политичките гласила
Македонско
време и The Macedonian Times, први месечни њузмагазини во земјата,
печатени на македонски и англиски јазик. Македонско
време е њузмагазин кој третира содржини поврзани со минатото и сегашноста
на Македонија, исклучително убаво примен од интелектуалната и политичката
средина во земјата, за што зборува и неговиот тираж - Македонско
време се печати во 4.000 примероци, кои се дистрибуираат во земјата
и во странство. The Macedonian Times е месечник посветен, главно, на
странските државјани кои престојуваат во земјава, со содржини кои на гостите
на Македонија и Скопје ќе им го приближат од економски, културен, забавен,
историски и секаков друг аспект.
Издавањето книги
е уште една значајна дејност на "Ми-Ан". Главната ориентација на
Книгоиздателството е на читателот да му се понудат книги кои ја третираат
историјата на Македонија, како и општите културни и цивилизациски вредности.
Во таа насока, во подготовка се неколку едиции во кои ќе бидат приопштени
значајни проекти кои ги опфаќаат човековите права, економијата, социологијата
политикологијата и сл.
"Ми-Ан" е, исто така, еден од пионерите на македонското електронско
издаваштво. Меѓу другите, Книгоиздателството ја подготви и првата Интернет
антологија на македонската поезија, како и сајтот Национални
паркови во Македонија.